Јунак на овие стотина реда е Верче Пандиловска, девојка која знае што сака во музиката и патник кон својата замислена точка во кариерата преку сите напори, жртви, радости и успеси што ги носи вителот на естрадата. Секогаш важела за персона која негува свој оригинален стил и можеби не е “истурена” во оние први борбени редови, но е голем борец. Деновиве, со издавањето на новиот сингл “Кучкин син”, а со него и албумот, таа веројатно се наоѓа на еден логичен крстопат во кариерата кој ќе и донесе нови предизвици, но сепак признава дека тоа не го прави со некои задни намери, туку водена од вистинската желба да се остави парче квалитетна музика зад себе.
Деновиве ?на голема врата” најавуваш нешто ново, што е навистина тазе снимено под своја етикета. Станува збор веројатно за некој сингл што ќе му даде ?зелено светло” на албумот…
-Да, тоа е мојот најнов цеде-сингл, насловен “Кучкин син” и е снимен во “Аудиолаб”. Комплетен автор е Тоше Поп Симонов, а придружните вокали ги отпеаја Баже Маротов, Александар Митевски, Горан Наумовски и јас. Фотографиите и стајлингот за каверот ги направи Дејан Миличевиќ, дизајнот Чедомир Поповски, а обвивката ја испечати “Винсент графика”. Наедно на сите нив им се заблагодарувам.
Во кој манир е оваа песна и која е публиката на која ќе сакаш да атакуваш ?
-Пред сў, ова е песна правена по теркот на светските музички модни
трендови. Песната е брза, лесна, певлива, со медитерански призвук и ритам препознатлив за нашево поднебје. Јас сум тип на човек кој професионално се занимава со музика и, следејќи ги реакциите на луѓето, решив песната да биде нешто што им е блиско и сродно на широк круг слушатели.
Мислам дека нема граница во годините на оние кои би требало да ја консумираат мојата музика. Убедена сум дека ќе и се допадне на пошироката публика.
Што се случува со твојот долгоочекуван албум-првенец? Велам долгоочекуван затоа што и најавата долго трае… Веројатно има многу работа на него…
-Моето мислење е дека подобро е да направиш добар албум, отколку албум правен со намена, како на пример новогодишен, албум за пред концерт, албум за есен или за 8 Март… За добар албум требаат добри песни и претставува момент во кој самиот ќе почувствуваш дека тоа навистина ти се допаѓа. Е сега, албумот не треба да ми се допаѓа мене, туку и на оние што ќе го консумираат затоа што албумот се снима за публика, а не за јас да си го слушам по дома. Па така, и по 10 години откога ќе го снимиш нема да ти биде срам што си го направил. Имав многу нумери кои ги чував за албумот и ми требаше долго време за да се решам што навистина сакам да остане, а што да отпадне. Мојата констатација од досегашното искуство е следнава: во нашата бранша најтешко е да ги запазиш роковите, а плус е и глупаво. Албум не е работа што се прави набрзина.
Какви песни содржи албумот и кои се оние генералии врзани за авторството и за луѓето кои ти помагаат на албумот?
-Албумот се работи во “Аудиолаб” кај Поп Симонов, кој е комплетен автор, освен на една нумера. Содржи музика која е лесна за обичниот човек, песни што се модерни и не те оптоваруваат така да можеш да ги слушаш без напрегање. Водев особено внимание за нумерите, затоа што со години пеам репродуктивна музика и знам што ми бараат луѓето на свирка, особено во моменти во кои се расположени.
Се трудев тоа искуство да го пренесам и во креирањето на концептот за албум и затоа сакав песните да бидат народски, а во исто време да ми го погодат и темпераментот. Што се однесува до помошта, ја имам пред сў од семејството во вид на морална поддршка, од авторот за албумот, креирањето на кариерата и од одредени луѓе, кои ние знаеме да ги окарактеризираме како спонзори.
Барем досега беше препознатлива по гитарските рифови во своите песни. Дали на албумот ќе го држиш тој курс или ќе има некаква жанровска слобода?
-Чинам дека концептот “од сў по нешто, па на крај ништо” не му оди никому на арно. Вистински верувам во тоа што се работи, па така е сосем ирелевантно дали ќе има гитари, помалку или повеќе, на албумот од претходно. На албумот нема да се покажуваат никакви пејачки или гитарски перформанси. Сите знаат дека јас знам да пеам и дека Тоше знае да свири гитара. Професионално се занимавам со пеење и не гледам причина дека треба да ставам посебен акцент на тоа. Побитно ми е луѓето да можат да ми ги пеат песните, отколку само јас и уште некој да можеме да ги изведеме. Затоа музиката на албумот е поп и звучи сосем неоптоварувачки.
Поим кој редовно е сврзан за твоето име се и ноќните свирки. Многумина велат дека си навистина неприкосновена во тие лајв-перформанси. Беше ли тешко да се избориш (зачинето со фактот дека си женско) во тој свет на ситните часови?
-Драго ми е ако мислиш така. Секогаш се трудам настапот да ми биде квалитетен. Како и секоја професија, и оваа мојава има доблести и мани. Лесно (како женско) не ми беше во никој случај да се изборам и да опстанам. Јас научив да се справувам во секаков вид ситуации, добри или лоши. Тоа го сфатив како дел од професијата. Знам да ги поценам луѓето и да предвидам што следува во дадена ситуација. Не велам дека е лесно, но секоја професија има добри и лоши страни.
Генерално, секогаш кај народот преовладува мислењето дека кај нас свирките се повеќе напор, време и енергија, отколку вистинска финансиска валоризација. Дали ти го мислиш истото и, конечно, се заработува ли од свирките ?
-Се заработува, ама богат не се станува. Најбитно е да ги преболиш сите расипнички моменти, како на пример купување бунди, високи потпетици, разни џиџи-миџи што чинат многу, а би можело да преживееш и без нив. Таа детска болест е добро да ја поминеш и одминеш. Откако ќе ја пребродиш фазата, веќе полесно се дише, а и позрело се размислува. Така, почнуваш да мислиш на конструктивни работи.
Што се однесува до соработката со Тоше Поп Симонов и неговиот ?Аудиолаб” таа трае поприлично долго и има ефект. Што беше пресудно во почетокот за да го одбереш токму Поп Симонов ?
-Пред да почнам да работам со Тоше, соработував со други автори и денес познати менаџерки, кои ми велеа “лесно е, не грижи се”. Јас не се грижев ама помина време, а резултат немаше. Тоше беше најнемилосрден, меѓутоа и некако најреален во она што го зборуваше. Патот што ми го покажа ме предупреди дека е најтежок, но во исто време и најсигурен. Поминаа многу години оттогаш и сў што ми зборуваше било вистина. Затоа, многу сум му благодарна за сите критики и добронамерни совети што ми ги дава.
Музичарите од еснафот, луѓе кои те познаваат велат дека имаш исклучителен мерак за нова и квалитетна опрема и дека преферираш техника со висока класа. Навистина ли си толку мераклија на разни звучници, миксети, па и мп3-плеери, што се последен збор на техниката ?
-Новата и квалитетна опрема е еден од главните предуслови за изведбата, за настапот на секој изведувач да изгледа лошо, помалку добро или можеби одлично. Јас сум тип кој оди на сў или ништо. Со години пеев на изнајмени опреми и знам како изгледа кога знаеш дека може и подобро ама не си во можност да инвестираш и да купиш сў што ти треба за работа. Имаше периоди кога мечтаев за одредени инструменти, апарати кои само можев да ги гледам на Интернет или во списание. Затоа си ветив самата на себе дека првиот момент кога ќе бидам во можност ќе си дозволам да имам сў што се вика високопрофесионална опрема за работа и навистина не знам како досега сум живеела без неа. Чувствувам особено задоволство што ја поседувам, а впрочем таа и ми го олеснува животот.
Настапуваш со огромна енергија на твоите свирки и јавни настапи што веројатно ја црпиш од динамиката на секојдневниот живот. Сепак, чува ли Верче и понекое делче од таа енергија за љубовта во својот живот?
-Секако. Енергија за пеење, за свирки и за дружба имам ептен многу, но имам и за љубовта на мојот живот. Ние луѓето навистина сме суштества кои сакаат да почувствуваат сродна душа, нежност и внимание. Веќе долго време имам некого со кого што ја споделувам својата приватност и го поминувам слободното време. Секогаш имам енергија за пеење, ама и за љубов. Тоа ми е главната поента во животот. Без пеење и сакање сў би било излишно.