Скандал: Тамара, Верица и Ламбе „исчезнаа“ од Филмските ноти!

Вториот викенд од јануари, Македонската опера и балет традиционално го одбележува со својот Василичарски концерт.  Концерт  таргетиран како настан со високи културни дострели, насловен како „Филмски ноти“. Под слоганот „Од филмското платно на сцената на МОБ“, годинава  идејата на организаторот била навистина одлична: да се спојат класичната музика со најубавите светски филмските теми, кои во живо со оркестарот и хорот на Македонската опера и балет ќе ги изведуваат дел од најпознатите македонски поп ѕвезди, речиси сите академски образувани токму на Музичката академија.

Изборот на музичките теми навистина импресивен: Bohemian Rhapsody, I believe I can Fly,  Stop, Endless love, Cry me a River, I have nothing, It’s mans world, Unchained melody, I will always love you, Skyfall, Aquarius… ! Листата на пејачи исто така: Ѓоко Танески, Наде Талевска, Ана Мицковска, Андријана Јаневска, Дејан Бобиќ-Дексо, Елена Петреска, Александра Јанева, Горан Наумовски, Маја Гроздановска-Панчева, Олгица Христовска… и… Тамара Тодевска, Ламбе Алабакоски, Верица Пандиловска…

Арно ама, едно можевме да слушнеме и прочитаме во најавата, друго видовме на сцената!?

До душа повеќето од најавените македонски музички поп ѕвезди се појавија и навистина одлично си ја завршија работата, уште еднаш потврдуваќи ги своите вокални способности, но и индивидуалната експресија и емоциите кои ги внесоа во сопствената изведба на големите светски музички  хитови. Повеќето се појавија, но не и сите најавени!

Имено, меѓу најавените кои  во неделата (12.01.2014) требаше да се појават на сцената заедно со оркестарот и хорот на МОБ под дирегентската палка на маестро Саша Николовски – Ѓумар, недостасуваа Тамара Тодевска, Ламбе Алабакоски и Верица Пандиловска!? На нивно место се појавија и работата одлично си ја завршија некои други, “алтернативни“ пејачи. Како Марија Димитријевиќ  на пример, која ги замени во изведбата Ламбе (Cry me a river) и Верица Пандиловска (I wanna be loved by you) и веќе споменатата Ана Мицковска која наместо Тамара ја отпеа  (I will always love you).

За Тамара веќе оддамна ние е јасно каков „професионалец“ е, и каков однос има кон работата со која се занимава, кон организаторите, колегите, публиката…! Тамара и ништо ново. Дури и здодевно е да се коментираат нејзините испади на несериозност, кои станаа нејзино обележје,  начин на однесување, начин на живот… Веројатно по ова веќе никој не е толку несериозен за да ја сфати сериозно, кога пејачката нешто ќе вети или договори!

Верица Пандиловска која  успеавме да ја исконтактираме ни одговори дека нејзиното отсуство е резултат на „технички причини“.  Тоналитетот на песната кој воопшто не одговарал на нејзиниот вокал. Не барем на она што претходно било договорено. “Подобро да не настапам, отколку да ми се смеат и да го расипам впечатокот по одличниот настап на Скопскиот фестивал“ – беше нејзиниот кус телефонски коментар.

Ламбе во неделата исто така не се појави на сцената на МОБ. Барем тој до сега немаше таков обичај. Особено ако е нешто однапред  договорено, рекламирано, плакатирано, најавено, објавено…!  Од неговата продукција молк. Нивниот  Пи-Ар не знае ништо! Не барем кога треба да се даде информација од ваков тип. Знае само кој, кога и каде пее. Или барем треба да пее, но, не и зошто не пеел?  Затоа, знаеме ние.

 

Вистина.мк дознава дека неговото отсуство  е предмет на  недоразбирање или поточно „погрешен договор“ меѓу неговата продукција и организаторот. Наместо договорениот еден, подоцна испаднало дека во прашање се два концерти. И да сакале не можеле да го прифатат тоа, зошто вториот датум се поклопувал со веќе закажаниот настап на Ламбе за Василица!?

Дури и да е така, организаторот морал однапред да знае дали Ламбе има или нема шанси да се појави. Инаку нема друго објаснување зошто во пропагандниот материјал стои неговото име, како и имињата на оние кои исто така беа највени, а не се појавија. И ако е така, како „преку ноќ“ успејаа за нив да најдат замена? Прашања на кои  музичкиот продуцент Горан Наумовски би морал да има одговор?! И истиот да  знае однапред кој ќе ги пее, а кој не, Филмските ноти!?

Вака излегува дека едно највувате, рекламирате, плакатирате, маркетирате… , а нешто сосема друго нудите. Добро, не во целост, но сепак , тоа не е тоа! Особено ако „гладната“ публика која нема баш секој ден можност да присуствува на ваков настан, кој патем се одржува  во „најдолгиот месец“ во годината се почувствува измамена. А при тоа истиот тој настан е најскапиот ивент на организаторот зошто влезниците за сите други настани се движат од 150 до 500 денари, а  задоволството да се слушнат Филмските ноти во МОБ посетителите ги чинеше од 800 денари за најевтината до 1200 денари за најскапата влезница.

И конечно, на претпоследната страница од својата брошура МОБ ги има напишано „осумте заповеди“ за културно однесување и облекување.

Тие важат за посетителите, за публиката која треба за свои пари да купи билет и да го запази наведениот код.

А за тие што се најавени, а нема да се појават, за оние што тоа го знаеле однапред и го премолчеле сервирајќи ни различна реклама од она што го нудат,  а при тоа треба да бидат платени од нашите пари, каков ли код на однесување за нив треба да се напише и каде истиот  да се  испечати?

 

 

2015. VERICA PANDILOVSKA © All rights reserved.