ПЕЈАЧКАТА ВЕРИЦА ПАНДИЛОВСКА НА МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ ВО КИРГИСТАН
Задоволство е кога се бранат боите на државата
Популарната поп пејачка Верица Пандиловска ќе учествува на вториот по ред Меѓународен фестивал на популарна музика “Меикин Азија” во Киргистан.
Фестивалот ќе се одржи од среда до сабота во туристичкиот град Чолпон-Ата, на брегот на езерото Ишик-кул во Киргистан. На овој фестивал, кој е од натпреварувачки карактер, ќе настапат претставници од 20 европски и азиски држави и, како што велат од организацијата, се одржува заради развој и зачувување на културното наследство, за спојување на Азија и Европа преку музика, поддршка на талентирани уметници и зајакнување на туристичкиот потенцијал на Киргистан.
Верица ќе настапи со две песни во двете вечери и тоа “Животот е” и “Врати ми го мигот”.
– Прв пат одам на овој фестивал и се подготвив максимално. Прв пат одам и во оваа држава и според големината на фестивалот мислам дека искуството ќе биде незаборавно. За двете вечери ќе носам златен и жолт фустан. Направив ексклузивно цеде и дивиди со сите мои песни. Земав и знаме, бидејќи ќе ја претставувам државата. А секогаш е задоволство да се настапува за државата, кога се бранат боите на Македонија. Драго ми е што ќе настапувам со многу популарни и квалитетни пејачи од 20 држави од Азија и Европа – вели Верица.
Организатор на фестивалот се Министерството за култура, информации и туризам на Киргистан и Националниот културен центар. (В.М.)
Вест 21.07.2015